Владата на Косово за 30 дена ја одложи примената на одлуката за српските регистарски таблички и документи по напнатоста на северот на Косово и српската блокада на патиштата кон границата со Србија.
Претходно, американскиот амбасадор Џефри Ховеније, во неделата вечерта, се сретна со претседателката на Косово Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти и побара одложување на примената на овие одлуки кои требаше да стапат во сила од понеделник 1 август.
„Владата на Косово се обврзува да ја одложи примената на двете одлуки од 29 јуни 2022 година до 1 септември 2022 година, од понеделник 1 август 2022 година, кога ќе бидат отстранети сите барикади и воспоставена целосна слобода на движење на сите патишта на северот на Косово“, соопшти Амбасадата на САД на Косово вечерва пред полноќ.
Владата на Косово преку соопштение „најостро ги осуди денешните блокади на патиштата на северот на Косово и пукањето на тамошните вооружени луѓе“.
„Тоа е тенденција за дестабилизација на Косово и загрозување на мирот и безбедноста на нашите граѓани и земја. Во попладневните и вечерни часови се случија бројни акти на агресија кои ги поттикна и подготви официјален Белград“, наведоа од Владата.
Во пресрет на стапувањето на одлуката во сила, Србите на северно Косово ги блокираа патиштата и беа затворени граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.