Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека „нема простор за тензии и за дестабилизација“ по утрешното стапување во сила на реципроцитетот кон Србија за личните документи на граѓаните при влез од едната во другата држава и на одлуката за замена на српските со косовски регистарски таблички, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната прес-конференција пред утрешното стапување во сила на мерките за промена на српските со косовски регистарски таблички и за опремување на граѓаните на Србија со влезно-излезни легитимации при влез во Косово, Курти рече дека очекува сè да се одвива во најдобар ред, додека за предупредувањата од Белград за можни тензии оцени дека „тие (српските власти) кажуваат за себе“, а не за Косово.
„Воопшто нема простор за тензии и за дестабилизација, бидејќи станува збор за нешто легитимно и легално. Тие кои говорат за насилство, за блокади, за дестабилизации, тие кои говорат за тензии, кажуваат за себе. Тие не говорат за нас, тие говорат за себе. Ние сме демократска, парламентарна, мирољубива република и уверен сум дека сè ќе помине во најдобар ред“, рече Курти.
Косовскиот премиер порача дека, за разлика од српските лидери, кои, според него, се „водачи на стравот и застрашувањето“, тој е „премиер на прогресот и надежта“.
Тој појасни дека на српските државјани при влез во Косово нема да им се одземаат личните документи, како што тврдат одредени српски медиуми и групи на социјалните мрежи, туку само ќе им се издаваат изјави за потпишување.
„Ние нема да им ги одземаме документите на луѓето кои влегуваат од Србија во Косово. Тие доаѓаат со документи издадени од Србија, ние не им ги одземаме тие, туку им издаваме писмени изјави, исто онака како што веќе 11 години Србија постапува со секој граѓанин на нашата Република кога ја преминува границата за влез во Србија. Од утре тие ќе имаат еден документ повеќе, не документ помалку“, изјави Курти.
Во вчерашното обраќање до косовските граѓани од српска националност, Курти рече дека Владата која тој ја води никогаш не била за тоа да се воведат привремени документи за српските граѓани кои влегуваат на територијата на Косово, но дека го прави тоа што Србија постојано им го прави на косовските граѓани.
Во пораката на српски јазик преку неговата страница на Фејсбук, Курти рече дека дејствијата кои ќе стапат во сила на 1 август не треба да се сфатат поинаку „освен како одговор на кршењето на правата“ од страна на Белград на сите косовски државјани, вклучително и на Србите.
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно изјави дека е уплашен од можните реакции на српскиот народ на Косово, по најавите на Приштина за примена на одлуката за пререгистрација на возилата.
„Денеска можам да ги замолам Албанците да се вразумат и Србите да не наседнуваат и не прават ништо што ќе доведе до судири. Ги молам и претставниците на моќните и големи земји кои ја признаваат независноста на Косово малку да водат сметка за меѓународното право и да не им дозволат на нивните штитеници да предизвикаат судир. Тоа е мојата молба, мојата голема молба, но веднаш да кажам, нема да има предавање и Србија ќе победи. Ако се дрзнат да тргнат во прогон, малтретирање и убивање Срби, Србија ќе победи“, рече Вучиќ.