Русија со нова поморска доктрина – САД и НАТО се наведени како главни закани

Рускиот претседател Владимир Путин на прославата на Денот на морнарицата во Санкт Петерсбург

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој ја одобри ажурираната поморска доктрина, која ги дефинира крајбрежните граници на земјата и ги наведува НАТО и САД како главни закани за Русија.

Указот беше потпишан денеска, на прославата на Денот на морнарицата во Санкт Петерсбург, и стапува на сила веднаш.

Во доктрината се наведуваат активностите и потенцијалното ширење на НАТО, наводната желба на САД да доминираат со морињата и наводните претензии од повеќе странски држави за руската територија како примарни закани за безбедноста на земјата.

Исто така се наведува дека Москва има за цел да ги зајакне истражувањата и експлоатацијата на минерали на Арктикот и да го зголеми потенцијалот на руската северна и пацифичка флота. Се нагласува стратешката важност на неодамнешните напори на Русија да ја развие својата 5600 километри долга Севермоморска рута, која ќе овозможи транспортен бродски сообраќај долж арктичкиот брег на Русија од Нова Земја до Беринговиот Теснец, безбедно, конкурентно и без мраз во текот на целата година.

Обраќајќи се на големата поморска парада на реката Нева, Путин рече дека новата доктрина ги идентификува Арктикот, Црното, Охотското и Беринговото Море, како и Балтичкиот и Курилскиот Теснец како области од национален интерес.

„Ние цврсто ќе обезбедиме нивна заштита со сите средства“, рече Путин.

Русија оспорува некои од овие поморски граници.

Путин најави засилена изградба на бродови и програми за научни истражувања на морињата.

Тој исто така рече дека Руската морнарица ќе добие хиперсонични крстосувачки ракети Циркон во наредните неколку месеци.

Фрегатата Адмирал Горшков ќе биде првата опремена со вакво оружје, за кое, како што рече, „не постојат пречки“.

Поморската доктрина првпат беше усвоена во 2001 година, а последен пат беше ажурирана во 2015 година, по анексијата на Крим од Украина.