Кинеска ракета вчера падна на Земјата по неконтролираното враќање од атмосферата и се распадна над Индискиот Океан, потврди кинеската вселенска агенција.
Американската вселенска агенција НАСА претходно ја објави информацијата, наведувајќи дека Кина не споделила информации за потенцијално опасното спуштање.
Делови од ракетата паднале во Сулуското Море, на околу 57 километри од источниот брег на филипинскиот остров Палаван.
„Поголемиот дел од ракетата е уништен“ за време на спуштањето, наведе кинеската агенција.
Ракетата беше употребена минатата недела за лансирање на вториот од трите модули на Кинеската вселенска станица Тијангонг, чија изградба треба да заврши до крајот на годинава.
Американската војска неколку часа претходно јави дека кинеската ракета се вратила во атмосферата.
Малезинската вселенска агенција наведе дека забележала парчиња од ракетата како горат пред падот во Сулуското Море, североисточно од островот Борнео.
Ракетата не е направена да може да го контролира своето враќање од орбитата, што, исто како и претходните лансирања, предизвика критики.
Кина „не даде прецизни информации за патеката на нивната ракета Долг марш-5Б“, објави вчера шефот на НАСА Бил Нелсон на Твитер и предупреди дека тоа може да биде опасно и да предизвика човечки и материјални губитоци и повика да се почитува вообичаената пракса во таквите ситуации.
Со влегувањето во атмосферата се предизвикува висока температура, се создава фрикција и делови од предметите може да горат и да се распаднат, но може да се случи најголемите летала, како што е Долг марш-5Б, да не бидат целосно уништени.