Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изрази подготвеност да се сретне и со претставници на Владата во врска со референдумското прашање, а можност за тоа е нова лидерска средба во Клубот на пратеници за да разговараат и да го утврдат референдумското прашање.
Опозициската партија најави дека ќе собира 150.000 потписи за референдум за тоа дали граѓаните сакаат да одат во ЕУ под вакви услови, во контекст на потпишаниот протокол со Бугарија.
Од СДСМ реагираат дека Мицкоски е против членството на земјава во ЕУ и дека референдумот кој го најавува, а за кој сè уште не се знае како ќе гласи прашањето, служи само за лична внатрепартиска употреба во опозициската партија.
Мицкоски денеска изјави дека очекува поддршка за референдумот од претседателот Стево Пендаровски, како и од сите политички партии, вклучувајќи ги партиите на Албанците во опозиција, како и од МАНУ, од универзитетите и од верските заедници.
Мицкоски изјави дека консултациите со експертите и внатре во партијата за референдумското прашање „конвертираат“ кон она што го кажа и претседателот Стево Пендаровски. Пендаровски во интервју за неделникот „Фокус“ предложи доколку се одржи референдумот тогаш прашањето да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови“.
Мицкоски денеска беше во посетата на Петровец. Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори во кој било термин што нема да се доведе во врска со референдумското изјаснување. Мицкоски најави дека по 30 август, по годишниот одмор во Собранието, ќе продолжи активната блокада и оти ќе пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги заострат нивните чекори. Според Мицкоски, опозициските пратеници со активната блокада спречиле носење на штетни закони, за што реагирале и граѓаните.
За празникот Илинден, тој традиционално ќе се обрати во струшко Тасмаруништа, потврди Мицкоски.