По осумнаесет години македонска делегација на 2 август ќе присуствува на одбележувањето на Денот на Републиката во манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.
Државно-црковната делегација ќе ја предводи претседателот на државата Стево Пендаровски.
Досега Српската православна црква не дозволуваше официјална државна делегација на Македонија да го посети манастирот „Прохор Пчињски“ по повод Илинден. А српските власти беа на став дека тие не можат да влијаат, ниту да се мешаат во одлуката на СПЦ во чија надлежност е манастирот. Но годинава СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ- Охридска архепископија, по што се подобрија црковните односи.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, по тој повод, претседателот Пендаровски телефонски разговарал со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и со поглаварот на Српската православна црква, патријархот г. г. Порфириј.
„Двајцата претседатели во разговорот се согласија дека релациите меѓу двете држави бележат одличен развој во повеќе области. Посетата на манастирот „Св. Прохор Пчински“, која се случува по речиси две децении е позитивен импулс за отворање нови поглавја во меѓусебните релации“, стои во соопштението.
Во разговорот со г.г. Порфириј, претседателот Пендаровски се заблагодари на патријархот за одлуката да биде овозможена посетата на манастирот која следува со прифаќањето на автокефалноста на МПЦ – ОА од страна на СПЦ.
Во состав на делегацијата што ќе ја предводи претседателот Пендаровски ќе бидат членови на Собранието и на Владата на Република Северна Македонија и претставници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.