Украина тврди дека убила над 100 руски војници во Херсон

Мостот Антоновски во областа Херсон

Украинската војска денеска соопшти дека убила повеќе од 100 руски војници и уништила два магацини за муниција во новите борби во регионот Херсон, каде Киев ја концентрираше својата најголема контраофанзива од почетокот на војната. Јужната команда на украинската војска соопшти дека железничкиот сообраќај до Херсон преку реката Днепар е прекинат, што потенцијално дополнително ги изолира руските сили од залихите од Крим.

Украина во последните недели употреби ракетни системи со долг дострел, доставени од Запад, за да оштети три моста преку реката, со што ѝ отежна на Русија да ги снабдува своите сили.

Во соопштението на украинската војска се наведува дека околу 170 руски војници и седум тенкови се уништени во борбите на 29 јули во јужниот регион. Тврдењата не можат да бидат независно проверени.

Проукраинскиот гувернер на регионот Херсон, Дмитро Бутриј, вели дека тешко погодена е областа Берислав, која се наоѓа преку реката, северозападно од хидроцентралата Каховка.

„Во некои села, ниту еден дом не е оставен недопрен, целата инфраструктура е уништена, луѓето живеат во визби“, напиша Бутриј на Телеграм.

Официјалните лица ги предупредија жителите да се држат настрана од магацините за руска муниција. Регионот Херсон, кој се граничи со Крим, падна во рацете на Русите веднаш по инвазијата на 24 февруари.