Турција е загрижена поради „недоволните напори“ на Германија во борбата против тероризмот

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, синоќа изјави дека неговата земја е загрижена поради недоволните напори на Германија во борбата против тероризмот и порача дека Анкара очекува од Берлин „конкретни чекори во сузбивањето на активностите на терористите на ПКК“, јави агенцијата Анадолија.

Чавушоглу во Истанбул ја прими шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, која претходно ја посети соседна Грција.

Шефовите на дипломатии на Турција и Германија по состанокот одржаа заедничка прес-конференција на која Чавушоглу рече дека Турција од Европската унија очекува да ги отстрани политичките препреки за нејзино членство.

„Ја повикуваме Германија внимателно да пристапи кон провокациите и пропагандите на Грција и администрацијата на кипарските Грци.

Нагласуваме на неопходна урамнотеженост на ставовите и пристапите“, изјави Чавушоглу и додаде дека неговата земја е загрижена и поради растечката ксенофобија и исламофобија во Европа.

„Турција очекува од сојузниците да ги поддржат нејзините напори во борбата против тероризмот, наместо само формално да говорат дека ја разбираат нејзината загриженост“, рече Чавушоглу.

Според Анадолија, тој додаде дека Германија мора да се бори, да прави конкретни исчекори и да ги елиминира терористите на ДЕАШ.

Чавушоглу истакна дека актуелната власт на Германија треба да ги сочува урамнотежениот став и пристап кога во прашање е медијацијата меѓу Анкара и Атина во контекст на прашањето за Егејското Море и Источен Медитеран, баш како што го имала во периодот на Владата на поранешната канцеларка Ангела Меркел.

„Затворањето на очите пред кршењето на човековите права во Грција претставува кршење на меѓународниот закон“, рече Чавушоглу за повеќегодишните акции на Грција против турското малцинство.

Германската министерка за надворешни работи Баербок ја пофали Турција за згрижувањето на големиот број сириски бегалци, јави Анадолија.

Шефицата на германската дипломатија рече дека терористичката организација ПКК претставува реална закана.