Папата не ја исклучува можноста за пензија, но вели дека сега не е време за тоа

Папата Франциск

Папата Франциск рече дека наскоро може да дојде време кога ќе треба да размисли за оставка. Тој вели дека тоа ќе го стори ако почувствува дека неговото здравје не му дозволува да ги извршува своите должности како што треба. Ова папата го кажа на крајот од престојот во Канада.

За време на својата посета тој им се извини на домородците.

Папата, кој има 85 години, вели дека има намера да продолжи со своите должности засега. Тој вели дека Бог ќе го води кога да се повлече, ако воопшто тоа се случи.

„Не е катастрофа да се смени папата, не е табу“, им рече тој на новинарите, сместен во инвалидска количка на летот од Канада до Рим.

Тој вели дека вратата за пензија е отворена и дека тоа е нормална опција.
„Но, до денес не сум тропнал на таа врата. Не сум почувствувал потреба да размислувам за оваа можност, тоа не значи дека за два дена можеби нема да почнам да размислувам за тоа“, рече папата, пренесува Би-Би-Си.

Во последните месеци, папата Франциск имаше проблеми со коленото, што влијаеше на неговата подвижност. Поголемиот дел од посетата на Канада го помина во инвалидска количка. Но, тој претходно ги отфрли шпекулациите за посериозни, опасни по живот болести.

„Мислам дека не можам да продолжам да патувам со истото темпо како порано на мои години и со ограниченоста поради моите колена. Или треба малку да се зачувам за да продолжам да ѝ служам на црквата или да ја разгледам можноста на пензионирање“, рече папата чиј претходник Бенедикт Шеснаесетти се пензионираше поради лошо здравје во 2013 година.

Папата Франциско рече дека сака наскоро да ја посети Украина, но дека прво ќе мора да побара совет од своите лекари.

Фокусот на неговата посета на Канада беше да му се извини на домородното население во регионот за неправдите направени врз нив од страна на членовите на Католичката црква.