Русија подготвува референдум за приклучување во новоокупираните територии во Украина

Градот Херсон во Украина

Властите, инсталирани од Русија, на новоокупираните територии во јужна Украина се под зголемен притисок од Москва и веројатно се подготвуваат да одржат референдуми за приклучување кон Русија подоцна оваа година, соопшти британското Министерство за одбрана на 30 јули.

„Локалните власти веројатно го принудуваат населението да открива лични податоци со цел да состават избирачки списоци“, соопшти Министерството во редовниот извештај.

Во извештајот се додава дека Русија ги класифицирала окупираните области како привремена „цивилно-воена администрација“.

Минатиот месец, воената администрација инсталирана од Москва, која владее со областа околу окупираниот украински град Херсон, рече дека се подготвува да одржи референдум за приклучување кон Русија.

Херсон, важно пристаниште на Црното Море, е целосно под руска контрола од почетокот на март, само неколку недели откако Москва ја започна својата инвазија врз Украина.

Во 2014 година, Русија незаконски го анектираше украинскиот полуостров Крим, по одржувањето на референдум за кој постои широко мислење дека е фалсификуван, при што резултатите покажаа дека речиси 97 отсто од гласачите го поддржале приклучувањето кон Русија.