Просечната старост на автомобил во Македонија е скоро 20 години

Илустрација: Улица во Тетово

Во Македонија има 477 илјади автомобили со просечна старост од 19,3 години. Околу 57 проценти од нив возат на дизел, а само 0,03 се електрични.

И додека улиците и тротоарите навидум се преполни од возила, сепак сме под просекот од Европа, каде еден автомобил е на двајца жители, додека кај нас еден на четворица.

И додека бројот на автомобили во земјава е во постојан раст, една третина од домаќинствата во земјава во 2020 година не поседувале автомобил, каде според Статистичкиот годишник објавен од Државниот завод за статистика, само 64 проценти од домаќинствата рекле дека поседуваат патнички автомобил.

Во Европа во 2020 година во просек имало 500 возила на 1 000 жители, што е двојно повеќе во споредба со нас, покажуваат податоците од Евростат. Според податоците од Државниот завод за статистика во земјава има 260 патнички автомобили на илјада жители во 2021 година или околу четири луѓе на еден автомобил.

Во Европа најмногу автомобили по глава на жител имаат Лихтенштајн (779), Луксембург (682) и Италија (670), а најмалку Романија (379), Латвија (390) и Унгарија (403). Во земјите од регионот Бугарија има 414 возила на 1000 жители, Хрватска 433, Грција 514 и Словенија 555.

На патиштата низ земјава минатата година имало 477 820 регистрирани возила, според податоците од Министерството за внатрешни работи. Најголемиот дел од нив 271 394 или 57 проценти се дизел, а 194 393 или 40 проценти се бензински. На плин се 11 720 или 2,5 проценти, додека на електричен погон има само 128, на метан 41 возило, а три како погонско гориво користат алкохол.

Уделот на автомобили на бензински погон се намалува со години. Бројот на возила на плин постојано растеше до 2019, но последниве години паѓа.
Над 88 проценти од автомобилите во 2020 година биле постари од десет години. Нивниот број е зголемен за девет процентни во споредба со 2015 година, кога 79 проценти од автомобилите на патиштата биле постари од десет години.

Од 429 илјади автомобили на патиштата во 2020 година само осум илјади или 1,9 проценти биле не постари од две години, а 14 илјади или 3,3 проценти не постари од пет години.