Протоколи, жито, тенкови...

РУСИЈА / САД - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Москва наскоро ќе предложи време за разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, за да разговара за размена на затвореници. Блинкен во средата рече дека Вашингтон дал „значителна понуда“ за ослободување на американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер и поранешниот маринец Пол Вилан, двајцата приведени во Русија.

КИНА / САД - Лидерите на САД и Кина упатија меѓусебно предупредување во врска со Тајван за време на вчерашниот разговор што траеел повеќе од два часа. Американскиот претседател Џо Бајден му кажал на својот кинески колега Си Џинпинг дека САД се строго против едностраните потези за промена на статусот на тој автономен остров со демократска влада, но нагласи дека американската политика кон Тајван не се менува. Кинеската влада соопшти дека Си му рекол на Бајден да се придржува до принципот на една Кина, кој го смета Тајван за дел од Кина, предупредувајќи „кој си игра со оган ќе изгори“.

САД - Обидот на Твитер да го задржи договорот за продажба на Илон Маск вреден 44 милијарди долари, ќе оди на петдневно судење, почнувајќи од 17 октомври. Маск, најбогатиот човек на светот и извршен директор на Тесла и на SpaceX, има рок до петок да поднесе противтужби. Неговите адвокати велат дека тој може да поднесе четири тужби во кои бара финансиска отштета за спорниот договор.

УКРАИНА - Украина е подготвена да започне со испорака на жито од две пристаништа на Црното Море според договорот со посредство на Обединетите нации, но сè уште не е одреден датум за првата пратка, изјави во петокот украинскиот министер за инфраструктура Олександр Кубраков. Тој за новинарите во јужното пристаниште Одеса изјави дека 17 бродови запленети од руската петмесечна блокада на пристаништата на Црното Море во Украина веќе биле натоварени со жито, а уште еден се товари.

МАКЕДОНИЈА - По документарниот филм „Нечиста крв“на Истражувачката Репортерска Лабораторија (ИРЛ), во кој отркиваат дека Клиниката на кардиохирургот вршела клинички студии на пациенти со методот на хемофилтрација без да ги пријави, а воедно се истражуваат и смртни случаи, поврзани со бактериски инфекции кај пациенти, министерот за здрваство Беким Сали одново побара време за здравствените институции да утврдат што точно се случувало во приватната болница Жан Митрев клиник.

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Министерството за надворешни работи (МНР) го објави интегрално Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, а кој го потпишаа шефовите на дипломатиите на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска. Документот може да се види на официјалната веб-страница на МНР, во скенирана верзија.

МАКЕДОНИЈА - Од 1 август цената на парното греење ќе биде зголемена за 14,18 проценти, реши денеска Регулаторната комисија за енергетика. Тоа значи дека кај просечна сметка за топлинска енергија од 1.800 денари, зголемувањето би било 250 денари.

ШПАНИЈА - Шпанскиот премиер Педро Санчез од денеска ќе престојува во дводневна посета на Србија, со што ја започнува неговата турнеја низ Западен Балкан. Санчез денеска во Белград ќе разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по што ќе се одржи пленарен состанок на делегациите на двете земји. Шпанскиот премиер до 1 август ќе ги посети и Сараево, Мостар, Подгорица, Скопје и Тирана. Санчез е во посета на регионот со цел „реактивирање, заживување и ревитализација на процесот на проширување“ на ЕУ кон Западен Балкан, јавуваат шпанските медиуми.

СРБИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ оцени дека вчерашниот протест „Бунт против мафијата“ во Нови Сад бил организиран од „агресивна група граѓани“ и нагласи дека оние кои скршиле прозорец во просториите на Српска напредна партија (СНС) за време на протестот ќе одговараат. „Постои една таква агресивна група, не би сакал да кажам антисрпска, која е најсилна во желбата Србија веднаш да воведе санкции кон Русија, да ја осуди Република Српска, да ја повлече Србија од Косово, а тие ги организираа овие демонстрации вечерва“, изјави Вучиќ, наведувајќи дека тие биле „прилично агресивни“ и дека ги нападнале просториите на СНС поради истакнати српски знамиња на нив.

МАКЕДОНИЈА / УКРАИНА - Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија потврди дека и се донирани тенкови на Украина, истакнувајќи оти се работи за тенкови од третата генерација, а со оглед на развојот на технологијата, неконкурентни и некомпатибилни. Од Министерството без да го наведат бројот на донираните тенкови информираат дека дополнително во наредниот период би требало да се трошат ресурси за уништување на тенковите, што според нив е нецелисходна активност за нашата Армија.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот претседател Стево Пендаровски повторно ја обвини Русија за мешање во внатрешните работи на неговата земја и додаде дека има сознанија оти таа финансира „некои политички субјекти“. „Последен пат со интензивно учество преку свои луѓе, свои политички субјекти, свои инсталации. Од соседството доаѓаат луѓе што се руски агенти, односно луѓе на руската служба. Не можам јавно да обелоденам од каде точно доаѓаат, зашто тоа се сензитивни информации, меѓутоа Русите и преку тие, модерно речени хибридни закани, преку политичката пропаганда прават обиди за влијание“, оценува Пендаровски во интервју за неделникот Фокус.