МНР го објави оригиналот од протоколот што го потпишаа Османи и Генчовска

Османи и Генчовска

Министерството за надворешни работи (МНР) го објави интегрално Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, а кој го потпишаа шефовите на дипломатиите на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска. Документот може да се види на официјалната веб-страница на МНР, во скенирана верзија.

Протоколот беше потпишан во рамки на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, согласно членот 12 од Договорот за добрососедство. По потпишувањето, шефицата на бугарската дипломатија Генчовска порача дека Бугарија ја поддржува интеграцијата на Северна Македонија и Албанија и им посака успех на двете земји по европскиот пат. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак, кажа дека во делот на историјата обврските се реципрочни и дека Владата нема да се меша во работата и автономијата на историската комисија. Во однос на јазикот, министерот тогаш посочи дека не само што е влезен во рамката како чист македонски јазик, туку ќе го имаме првиот договор во историјата помеѓу Република Северна Македонија и ФРОНТЕКС со дозвола на 27 земји членки со македонски јазик.

Видете и ова: Потпишан протоколот меѓу С.Македонија и Бугарија


Османи тогаш посочи и дека министерствата ќе ги следат трендовите на говор на омраза бидејќи целта на овој билатерален протокол е да се подобрат односите меѓу двете држави. Прашан зошто нема реципритет за уставните измени, Османи појасни дека Бугарија има различно уставно уредување и не признава етнички заедници внатре во државата. Во однос на добрососедските односи со Бугарија, шефот на дипломатијата кажа дека Европската комисија нема да дава извештаи, бидејќи Договорот за добрососедство и соработка во францускиот предлог не е патоказ.