Политичари, дилери, кошаркари...

ГРЦИЈА - Националната организација за јавно здравје на Грција соопшти дека до денеска потврдени се вкупно 32 случаи на мајмунски сипаници. Сите случаи, според организацијата, се кај мажи од 22 до 59 години, а 38 отсто, односно 12 од заразените пријавиле патување во странство во периодот на инкубација на болеста.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски за време на денешните пратенички прашања изјави дека сите капацитети на Владата се ставени во функција и се надева на успешно справување со најтешката зима.

УКРАИНА - Во руските напади врз централниот украински регион Кировоград денеска загинале пет лица, а повеќе од дваесетина други се ранети додека Украина продолжува со својот напор за повторно заземање на јужниот регион Херсон.

ИРАН - Иранските власти соопштија дека планираат да изградат нов истражувачки реактор во провинцијата Исфахан, а изградбата ќе започне во рок од неколку недели.

МАКЕДОНИЈА - Нова кривична пријава е поднесена против директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми. Пријавата до Основното јавно Обвинителство, до Обвинителството за борба против организиран криминал, до премиерот Димитар Ковачевски и до министерот за финансии Фатмир Бесими, ја поднел жител на Дебар. Пријавата се однесува за легализација на објект во Дебар. Од Финансиска полиција велат дека водат предмет против лицето кое го пријавило Муареми.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека е изненаден од тоа што, како што рече, за прв пат можеби се на иста бранова должина со претседателот Стево Пендаровски во врска со формулацијата на прашањето за референдум.

РУСИЈА / САД - Русија призна дека разговорите со Соединетите држави за размена на затвореници во која би биле вклучени американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер и рускиот трговец со оружје Виктор Бут се во тек, но оти не бил постигнат договор. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Вашингтон и дал „значителна понуда“ на Русија за ослободување на поранешниот маринец Пол Вилан и Бритни Гринер, кои се наоѓаат во руски затвори под обвиненија за кои САД велат дека се политички мотивирани.

САД - Од денеска човештвото ги потроши сите природни ресурси кои Земјата може да ги произведе за една година и со тоа влезе во „еколошки долг“, два дена порано од минатата година. Денот на пречекорување на ресурсите на Земјата од почетокот на 1970-ти беше порано, со исклучок на 2020 година кога беше на 22 август поради помалото исцрпување на ресурсите поради пандемијата.