Иран планира да изгради нов нуклеарен реактор

Мохамед Еслами, шеф на Иранската организација за атомска енергија

Иранските власти соопштија дека планираат да изградат нов истражувачки реактор во провинцијата Исфахан, а изградбата ќе започне во рок од неколку недели.

„Ова е целосно домашен проект што ќе го затвори синџирот на истражување, евалуација, тестирање и производство на нуклеарна енергија во Иран“, рече Мохамед Еслами, шеф на Иранската организација за атомска енергија.

Еслами, кој е и потпретседател на Иран, додаде дека започнало истражувањето за пронаоѓање на нови соодветни нуклеарни локации, особено на југот на земјата. Тој не даде дополнителни детали.

Западните грижи за атомската програма на Иран резултираа со санкции против Техеран и на крајот беше постигнат нуклеарен договор со светските сили во 2015 година за ограничување на програмата.

Меѓутоа поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот во 2018 година, што го натера Техеран постепено да го прекине почитувањето на договорот. Разговорите за враќање на договорот се во застој од април.

Иран вели дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирољубиви цели, но, сега збогатува ураниум до 60 проценти чистота, што претставува највисоко ниво досега.

Меѓународната агенција за атомска енергија во јуни објави дека 90 отсто од најзбогатениот ураниум во Иран е префрлен во атомскиот центар во Исфахан, каде што се наоѓа опремата за претворање на гасот од ураниум во ураниумски метал.

Иран минатиот месец ги исклучи камерите за надзор на неколку нуклеарни постројки како одговор на резолуцијата на одборот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија- МААЕ со која се бара од земјата да соработува со инспекторите на ОН кои ги разгледуваат непријавените нуклеарни локации.

МААЕ неколку пати предупреди дека на Иран му требаат само уште неколку недели за да произведе суровина за нуклеарна бомба.