Премиерот Димитар Ковачевски за време на денешните пратенички прашања изјави дека сите капацитети на Владата се ставени во функција и се надева на успешно справување со најтешката зима.
„Се прават аранжмани за да се обезбедат потребните количини на мазут за домашните енергетски капацитети, а веќе се преземени мерки и во однос на топлинската енергија“, рече Ковачевски во одговор на пратеничко прашање.
Според него, за антикризните мерки, за кои во релабансот на Буџетот се обезбедени околу 76 милиони евра ќе бидат консултирани сите засегнати страни.
„Во мај кажав дека пред нас е најтешката зима и тогаш бев обвинуван за тоа што го говорам. Оваа најтешка зима е резултат на војната во Украина и сите проблеми што се случија на светскиот пазар со зголемувањето на цените на нафтените деривати и на електричната енергија за која пости опасност дека ќе ја нема во доволни количини на европскиот континент. Ова не е заклучок само на нашите експерти, туку на експерти од светско реноме. Затоа при конципирањето на ребалансот ги имавме овие факти предвид и обезбедивме 76 милиони евра за нови антикризни мерки, кои се во фаза на подготовка, и кои ќе бидат консултирани со коморите и потоа опреационализирани“, одаде премиерот.
Ковачевски посочи дека се обезбедени 32 милиони евра за зголемување на домашното производство на храна, а поради инфлацијата која е на ниво меѓу 9 и 10 проценти на годишно ниво, предвидено е зголемување на пензиите и на платите и исплата на сите субвенции за земјоделците.