Мицкоски изненаден од Пендаровски за референдумот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека е изненаден од тоа што, како што рече, за прв пат можеби се на иста бранова должина со претседателот Стево Пендаровски во врска со формулацијата на прашањето за референдум.

„Граѓаните да одлучат дали сакаат вака асимилирани, бугаризирани, под диктат да имаат европска иднина, или пак горди, достоинствени, кога за тоа ќе се создадат услови во блиска иднина, да имаме европска иднина. Европската иднина и желбата на граѓаните, но и на политичките субјекти никогаш не било под знак прашање и немало дилема, туку само патот. Е, сега за жал оваа криминална Влада за да практично добие условно амнестија од меѓународната заедница за криминалот кој што го прави, нема проблем да распродава и да удоволува на определени бирократи во нивните барања. Но, мислам дека се движиме во правилна насока и еве ова што го кажа и Пендаровски во таа насока, да дадеме на граѓаните можност да одлучат каква да биде нивната европска иднина, дали ваква каква што ја нуди власта на СДСМ и ДУИ, или горда и достоинствена“, рече Мицкоски за време на посетата на Кавадарци.

Пендаровски во интервју за неделникот „Фокус“ предложи доколку се одржи референдумот тогаш прашањето да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови“.

Премиерот Димитар Ковачевски за време на пратеничките прашања во Собранието изјави дека прашањето за референдум што го отвора опозицијата е само за нивна внатрешно-партиска употреба.

„Собранието донесе одлука оваа држава да продолжи по патот кон своите европски интеграции. Во таа одлука учествуваа пратеници од политички партии кои застапуваат наширок круг граѓани во државата без разлика на политичка, етничка или верска припадност. Оваа држава ќе оди на патот на европските интеграции, и што и да правите нема да ја скршнете ниту лево, а уште помалку десно кон исток“, рече Ковачевски во одговор на прашање од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.

Во однос на прашањето поврзано со францускиот предлог, тој истакна дека по неговото прифаќање станало јасно дека земјава ја одржа прва меѓувладина конференција, второ оти македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка и дека затоа треба да бидат горди сите 68 пратеници кои кренале рака „за“, како и дека паднале во вода сите невистини кои ги ширела опозицијата.

Мицкоски бара референдум на кој граѓаните би се изјасниле само дали ја прифаќаат преговарачката рамка со билатералниот договор со Бугарија, но не и за менување на Уставот, бидејќи како што изјави, највисокиот правен акт нема да биде променет, а Бугарите нема да бидат во него.