Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми денеска изјави дека тој и вработените во управата „препознаваме и свесни сме дека овие намерно исценирани и неосновани напади кон нас, доаѓаат од еден ист центар за кој што во Управата, но, и во други институции веќе активно се водат соодветни постапки, во зависност од надлежностите на институцијата“.
Тој притоа посочува дека очекуваат нападите и притисоците да продолжат и во наредните денови.
„Намерата на овие напади е повеќе од очигледна. Меѓутоа, во интерес на излегувањето на вистината на виделина, ќе се воздржам од дополнителни коментари на ваквите однапред целно смислени напади и сценарија и оставам надлежните институции да постапуваат согласно своите надлежности“, се наведува во пишаната изјава.
Муареми воедно ги негира објавите во медиумите дека Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривична пријава против него.
Обвинителството за организиран криминал и корупција влезе во Управата за финансиска полиција (УФП), кај директорот Арафат Муареми во предистражна постапка, потврди обвинителката Вилма Русковска. Таа не откри детали што конкретно бараат истражителите во УФП, наведувајќи дека наредбата ја дала по пријава на група граѓани против директорот. Финансиската полиција е еден од двата клучни органи на откривање на финансиски криминал и корупција, покрај Секторот за организиран криминал во МВР.