Повеќе од 75.000 руски војници - околу половина од силите испратени од Москва за да ја нападнат Украина во февруари - се верува дека се убиени или ранети, изјави американски пратеник. Претставничката Елиса Слоткин која зборуваше за Си-Ен-Ен откако присуствуваше на доверлив брифинг со претставници од администрацијата на претседателот Џо Бајден, рече дека бројката е „огромна“. „Бевме информирани дека над 75.000 Руси се или убиени или ранети, а над 80 насто од нивните копнени сили се заглавени и тие се уморни“, рече Слоткин. Воените жртви се државна тајна во Русија дури и во мирно време, а нема ажурирани официјални податоци за бројот на загинатите во војската на Москва. Најновата проценка на ЦИА беше дека 15.000 руски сили биле убиени во борбите.
Макрон: Русија води „империјална војна“ против Украина
Слоткин, која неодамна се врати од Украина, рече дека следните три до шест недели би можеле да бидат клучни за насоката што ќе ја преземе конфликтот. „Мислам дека она што го слушнавме од претседателот Зеленски е дека Украинците навистина сакаат да ја удрат Русија пред да дојде зимата“, рече Слоткин. Новите бројки, доколку бидат потврдени, ќе значат големи загуби за Русија додека Украина продолжува со контраофанзива во јужниот дел од земјата окупирана од Русија за повторно да го заземе стратешкиот град Керсон. Градот, кој пред војната имаше 290.000 жители, во моментов е под управа назначена од Москва, откако падна на почетокот на војната.
Гранатирање со ХИМАРС на мостот во Kерсон кој е под контрола на Русија
Британското Министерство за одбрана во својот денешен разузнавачки билтен соопшти дека украинската контраофанзива во Керсон зема замав. Враќањето на контролата врз градот ќе им даде на украинските сили основа за враќање на делови од брегот на Црното Море. Губењето на Керсон сериозно би ги поткопало обидите на Русија да ја претстави окупацијата како успешна, соопштија британските разузнавачи.