Жито, гас, избори...

МАКЕДОНИЈА - Обвинети за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово се поранешниот директор на тетовската болница Флорин Бесими, раководно лице во болницата и дежурниот доктор. Во пожарот во модуларната болница на 8 септември лани загинаа 14 луѓе. Обвинение има и за Општата болница – Тетово. Бесими и раководното лице се обвинети дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност, а докторот дека не постапил според здравствени прописи во време на епидемија. Тетовската болница, се гони за двете кривични дела.

МАКЕДОНИЈА - Службите во Општина Аеродром се излезени на терен и ги санираат штетите по силното невреме што попладнево ја зафати општината, при што беше причинета материјална штета на повеќе локации, соопшти градоначалникот на оваа скопска општина, Тимчо Муцунски.

ИРАН - Иран ги поздравува дипломатските напори за решавање на нуклеарен спор со светските сили, изјави денеска министерот за надворешни работи на Иран, Хосеин Амирабдолахиан. Неговата изјава доаѓа еден ден откако шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел предложи нов нацрт-текст за заживување на нуклеарниот договор со Техеран од 2015 година.

СРБИЈА - Конститутивната седница на Собранието на Србија е закажана за понеделник, 1 август, соопшти Парламентот на 27 јули. На дневен ред на собраниската седница, која ја свика актуелниот претседател Ивица Дачиќ, ќе биде потврдувањето на пратеничките мандати, изборот на претседател и потпретседател на Собранието.

ГРЦИЈА - Грција не разгледува можноста за воведување ковид мерки во текот на летото, изјави министерот за здравство на Грција Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ. Тој вели дека во моментот бранот е во надолен тренд и дека очекуваат дека така ќе продолжи околу еден месец.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден е негативен на коронавирус и ќе излезе од изолацијата што ја започна откако се зарази со ковид-19 минатата недела, соопшти Белата куќа.

УКРАИНА / ТУРЦИЈА - Турските власти отворија заеднички координативен центар за извоз на жито од Украина. Тие очекуваат испораките да започнат во наредните денови.

РУСИЈА - Руската компанија Газпром денеска го намали количеството на природен гас низ магистралниот гасовод Северен тек 1 од Русија до Европа на 20 насто од вкупниот капацитет. Најновото намалување на испораките на гас Русија го објасни со технички проблеми, но Германија вели дека станува збор за политички потег за поттикнување на неизвесноста и зголемување на цените додека трае војната во Украина.

МАКЕДОНИЈА - Собранието денеска на 82. седница со 103 гласа „за“ и два „против“ ги ратификуваше протоколите за пристапување на Република Финска и на Кралството Шведска во НАТО.

БУГАРИЈА - Бугарската Социјалистичка партија се откажа од плановите да предложи нова коалициска влада откако не успеа да формира мнозинство во парламентот, развој што носи нови избори наесен. Претседателот Румен Радев сега ќе треба да назначи привремена влада пред да се одржат нови избори, најверојатно во октомври. Социјалистите направија трет и последен чекор во обидот да формираат влада, откако коалициската влада на прозападниот реформистски премиер Кирил Петков поднесе оставка во минатиот месец по гласањето за недоверба.

АВГАНИСТАН - Животите на авганистанските жени и девојчиња се уништени со „строги правила што ги задушуваат“ откако Талибанците ја презедоа власта пред речиси една година, оценува меѓународната организација за човекови права Амнести интернешенел во извештајот објавен денеска. По заземањето на главниот град Кабул во август 2021 година и соборувањето на владата поддржана од меѓународно ниво, талибанците најавија дека ќе бидат полиберални отколку кога беа на власт во 1990-тите.