Во Аеродром се расчистуваат штетите од невремето

Паднати дрвја по невремето во Општина Аеродром во Скопје на 27 јули 2022

Службите во Општина Аеродром се излезени на терен и ги санираат штетите по силното невреме што попладнево ја зафати општината, при што беше причинета материјална штета на повеќе локации, соопшти градоначалникот на оваа скопска општина, Тимчо Муцунски

„Остануваме на терен сѐ додека е потребно и додека не бидат отстранети сите опасности за граѓаните“, напиша Муцунски на Фејсбук .

Тој ги посетил жителите кои претрпеле најголеми штети во временската непогода.

Делови од Скопската котлина попладнево беа зафатени од локално невреме со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Од силниот ветер има и паднати дрва.

Синоптичарите најавуваат нестабилно време и за утре, а преодно стабилизирање се очекува во петок, додека за време на викендот во попладневните часови повторно ќе има изолирана појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Од недела ќе дува засилен северен ветер и ќе има пад на температурата.