На 1 август ќе биде конституирано новото српско Собрание

Зградата на српското собрание.

Конститутивната седница на Собранието на Србија е закажана за понеделник, 1 август, соопшти Парламентот на 27 јули.

На дневен ред на собраниската седница, која ја свика актуелниот претседател Ивица Дачиќ, ќе биде потврдувањето на пратеничките мандати, изборот на претседател и потпретседател на Собранието.

Пратениците ќе одлучуваат и за новиот генерален секретар на собранието, како и за членовите на работните тела и постојаните собраниски делегации во меѓународните институции.

Парламентарните избори во Србија се одржаа на 3 април.
Републичката изборна комисија (РИК) на 11 јули донесе одлука за доделување мандати на пратеници во српскиот парламент. Од вкупно 250 пратеници во парламентот, најмногу ќе има коалицијата предводена од владејачката Српска напредна партија (СНС), односно 120.

И покрај тоа што СНС освои убедливо најмногу гласови, таа нема да има доволно пратеници сама да формира мнозинство во Собранието.

По конституирањето на Парламентот и верификацијата на пратеничките мандати, Народното собрание има рок од 90 дена да ја избере Владата.