Занаетчиската комора на Македонија и Регионалната занаетчиска комора од Куманово бараат надлежните институции побрзо да реагираат и да ги донесат законските измени за недела неработен ден, информираа на денешната прес-конференција од Занаетчиската комора.
Од Комората велат дека со измените, работниците нема да трпат штета, ќе им се плаќа соодветниот надоместок, а занаетчиите ќе успеат да ја пребродат кризата која трае веќе од пандемијата.
Претседателот на Комората, Агрон Фазлији вели дека не е во ред цвеќарници, фризерници, кројачници, златарници, но и други дејности да не работат во недела кога имаат огромен приход поради свадби и други прослави. Фазлији вели дека државата и занаетчиството губат пари, бидејќи граѓаните и особено сега печалбарите за семејни прослави (шминки, фризури, облека) трошат пари во соседните Косово и Србија, наместо во државата и кај нашите занаетчии.
Законското решение за недела неработен ден стапи на сила од 01-ви јануари годинава. Но само неколку месеци откако закон стапи на сила, на крајот на јуни Собранието усвои измени со кои им се дозволи на трговците во туристичките места да работат во недела.