Турските власти отворија заеднички координативен центар за извоз на жито од Украина. Тие очекуваат испораките да започнат во наредните денови.
Официјален Киев соопшти дека е обновена работата на три пристаништа на Црното Море одредени за проток на жито. Обновена е работата во црноморските пристаништа Одеса, Черноморск и Пивденњи, соопшти украинската морнарица. Пристаништата се одредени според неодамнешниот договор со посредство на ОН со Русија.
Извозот на жито беше блокиран од инвазијата на Москва на Украина.
Координативниот центар за жито, отворен на 27 јули, ќе се грижи за безбедно поминување на украинските бродови за жито по утврдените рути и ќе надгледува да не се пренесува забрането оружје на патот кон и од Црното Море.
Анкара, користејќи ги своите силни односи и со Украина и со Русија, помогна да се склучи договорот и презеде водечка улога во спроведување на договореното.
„Персоналот кој работи во овој центар е свесен дека очите на светот се вперени кон нив“, изјави турскиот министер за одбрана Хулуси Акар за новинарите на отворањето на центарот.
Русија и Украина се едни од најголемите светски извозници на земјоделски производи. Со инвазијата на Москва во Украина се запреа испораките на жито и ѓубрива, со што светот е доведен на раб на голема прехранбена криза.