Македонија по нецели три децении, со мнозински проект, се враќа на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција, Италија, веројатно еден од трите најголеми во светски рамки.
„Најсреќниот човек на светот“ на нашата Теона Стругар Митевска, копродукција во која се и партнерите од Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и од Данска, ќе биде прикажан во официјалниот натпреварувачки дел од програмата „Хоризонти“ на 79 издание на најстарата светска филмска манифестација што годинава ќе се одржи од 31 август до 10 септември. А, ова пак подразбира дека филмот ќе ја има можноста рамноправно да се натпреварува за низа награди - за најдобра режија, најдобар филм, улоги и за други важни признанија.
Со ова, земјава и македонската национална култура, практично ја продолжува низата на успеси зачната со вонсерискиот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски од 1994 година кој триумфираше токму на Венецискиот филмски фестивал.
„Лично, имам многу силна сентиментална врска со Венецијанскиот фестивал. Таму, уште како тинејџерка, прв пат стапнав на црвениот килим и бев неповратно маѓепсана и досега се немав вратено со свој филмски проект и се разбира дека чувствувам неверојатна возбуда од самата помисла дека „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ме носи повторно на Лидо, на еден од трите најзначајни и најпрестижни фестивали. Овој пат сме поканети во престижната, авторски ориентирана програма Хоризонти и некако ни се потврдува дека истрајноста на Теона да говори со свој филмски јазик е интригантна за најголемите светски филмски собири”, забележува Лабина Митевска, продуцентка на филмот.
Во информацијата за „Најсреќниот човек на светот“ се вели дека е тоа е филм кој всушност говори „за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна“. Дека дејствието се одвива во Сараево, во Босна и Херцеговина, за време на братоубиствената војна во поранешна Југославија, кога градот цели четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Филмот ја раскажува сторијата на Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со неа, но не и во потрага по љубов.
Филмот е сниман на локации во Скопје и во Сараево, а главните улоги ги толкуваат босанско-херцеговачките глумци Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ. Во најсреќниот човек на светот“ играат и Лабина Митевска, Ана Костовска, Николина Кујача, Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија, како Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од Босна и Херцеговина.
Косценарист е Елма Татарагиќ, директор на фотографија Белгијанката Вирџини Сент Мартен, сценограф Вук Митевски, костимите и овојпат се на Моника Лорбер од Словенија, а шминката на Мојца Горогранц Петрушевска. Монтажер на филмот е Пер Киркегард, од Данска, дизајнер на звукот Ингрид Симон од Белгија, кастингот е на Киријана Николовска, прв асистент на режија е Раша Петровиќ, а директор на филмот Елена Станишева.
„Овој филм го гледам како симфонија на кореографирани движења кои ги размотуваат слоевите на емоции, полека обвивајќи го гледачот до точка на вртоглавица. Локацијата е клучна: хотел во стилот на осумдесеттите, сведок на архитектонскиот стил од бивша Југославија: бетонски брутализам или модернизам, а потоа тука е ранетиот град Сараево, сведоштво за отворените рани и болките од минатото. Тука се поставуваат прашањата, што нè одредува: нашата етничка, религиска или родова припадност? Што нè раздвојува или спојува? Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдноста. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од наслоени искуства. Филмот е базиран на вистинска приказна и тоа директно од авторот на сценариото Елма Татарагиќ“, вели Теона Стругар Митевска.
Чисто како потсетување само да спомнеме дека режисерката своето деби го направи во 2001 со краткиот „Вета“ (Специјално признание на Берлинскиот филмски фестивал), по што следуваше „Како убив светец“ во 2004 (Најдобар европски филм на Филмскиот фестивал „Преминувајќи ја Европа“ во Линц, Австрија), па „Јас сум од Титов Велес“ од 2008 ( повеќе од 15 меѓународни награди и македонски кандидат за Оскар), „Жената која ги избриша своите солзи“ со Викторија Абрил во главната улог од 2012, „Кога денот немаше име“ – четири години подоцна (учества на над 40-на светски фестивали и низа награди) и досега најуспешниот „Господ постои, името и е Петрунија“ со извонредната македонска актерка Зорица Нушева во насловната улога и кој својата премиера и жетвата по награди ги започна на Берлинскиот филмски фестивал во 2019 година и потоа беше прикажан на повеќе од 150 меѓународни филмски фестивали и досега освои од 35 награди.
Како куриозитет мора да се истакне дека сите филмови на Теона Стругар Митевски ја имаат поддршката на ЕУРИМАЖ што е директна потврда за квалитетот на сите проекти зад кои застанала таа и продукцијата Сестри и брат Митевски.