Парламентот на БиХ бара Шмит да се изјасни за изборното законодавство

Во Сараево се одржуваат протести пред канцеларијата на ОХР поради можноста Шмит да наметне одредени измени на Изборниот законик, како и некои уставни измени

Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата БиХ го покани високиот меѓународен претставник во БиХ Кристијан Шмит да присуствува на седницата на овој дом или писмено да се изјасни за плановите за наметнување измени на Изборниот закон и одредени уставни измени во тој ентитет. Поканата до Шмит да се обрати пред Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата БиХ е на барање на пратеничката група на Партијата за демократска акција (СДА). „Има многу прашања кои ја збунуваат јавноста, како најавата за измени на Уставот на БиХ поврзани со воведување цензус од три насто при изборот на делегати во Домот на народите, изјави шефот на пратеничката група на СДА, Аднан Ефендиќ.

САД ќе ја поддржат секоја одлука што ќе ја донесе Високиот претставник во БиХ

Социјалдемократската партија на БиХ предложи Претставничкиот дом на Федерацијата БиХ да донесе Декларација за неприфаќање на предлогот на Канцеларијата на високиот претставник на меѓународната заедница (ОХР) за измена на Уставот на ентитетот и другите правни акти, кои како што се оценува, дополнително ќе ги продлабочи етничките поделби и дискриминацијата во БиХ, пренесува Бета. Во Сараево се одржуваат протести пред канцеларијата на ОХР поради можноста Шмит да наметне одредени измени на Изборниот законик, како и некои уставни измени. Претставници на политички партии соопштија дека добиле уверување од Шмит дека нема да наметне решенија без консултации со политичките партии.