Бугарската социјалистичка партија нема да го врати третиот и последен мандат за формирање влада, одлучи Националниот совет на партијата. Извршното тело на бугарските социјалисти со 96 гласа „за“, 15 „против“ и два воздржани гласаше нивната партија да се обиде да го реализира мандатот, наместо да му го врати на бугарскиот претседател Румен Радев. Се очекува БСП до парламентот да предложи законодавна програма со 97 мерки – измени на закони, предлози за избор на раководни функции. Програмата ќе биде шестмесечна – до крајот на годината и ќе послужи како тест за можната поддршка за кабинет.
Бугарските социјалисти добија трет мандат за формирање нова влада
Доколку програмата в петок го собере мнозинството од 121 пратеник во 47. Народно собрание на Бугарија, следниот ден БСП ќе поднесе свој кандидат за премиер, а тој ќе биде Асен Василев, во спротивно БСП ќе го врати мандатот, изјави вицепремиерката и лидер на БСП, Корнелија Нинова. Истовремено, пратеникот од партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ – Станислав Балабанов, која ги напушти преговорите, искоментира дека неговата партија е против преговорите за формирање нова влада и се изјасни против назначувањето на претходниот министер за внатрешни работи Бојко Рашков за шеф на Антикорупциската комисија на Бугарија, соопштувајќи дека тој не ги извршил потребните реформи во МВР.