Во Истанбул ќе биде отворен Мониторинг центар за извоз на украинското жито

Украина, Русија, Турција и Обединетите нации потпишаа договор за обновување на извозот на жито од Украина

Заедничкиот координативен центар (ЗКЦ) за украинскиот извоз на жито според договорот постигнат со посредство на ОН ќе биде отворен денеска во Истанбул, соопшти турското Министерство за одбрана. Украина, Русија, Турција и Обединетите нации минатата недела го потпишаа договорот за обновување на извозот на жито од Украина, кој беше во застој по руската инвазија на нејзиниот сосед на 24 февруари. Сите страни ќе назначат претставници во ЗКЦ кои ќе го следат спроведувањето на планот. Украина е еден од најголемите светски извозници на пченица, пченка и сончогледово масло, но руската инвазија врз земјата и нејзината поморска блокада на украинските пристаништа ги запреа пратките.

Украина ќе продолжи да го спроведува договорот за жито и покрај нападот врз Одеса

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова на 24 јули изјави дека во ракетните напади врз пристаништето во Одеса во текот на изминатиот викенд биле уништени „воена инфраструктура“ и „патролен брод“ на украинската морнарица. Британското Министерство за одбрана во својот билтен пак соопшти дека „нема индикации оти такви цели биле на локацијата“. Овој напад предизвика драстично зголемување на цените на пченицата.