Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок порача дека нејзината земја ќе продолжи да испраќа оружје и друга поддршка за Украина дури и ако Русија целосно го прекине снабдувањето со гас за Европа. Во врска со критиките кон Германија за бавна реакција во делот на воената помош кон Украина таа вели:
„Да, на почетокот бевме малку бавни. И затоа се трудиме да бидеме подобри. И направивме тотална промена, доставуваме тешко оружје, испорачуваме, особено со артилерија ги испорачуваме најнапредните системи затоа што вака ни велат Украинците: Во овој момент проблемот е во воздухот и одбранбените способности на долги растојанија. И затоа сега испорачуваме, како хаубиците, на пример... и имаше и дискусија кога рековме на пример, дека украинските војници треба да се обучуваат, повторно го имаше овој аргумент: дали е ова изговор? И многу јасно кажав, ова не е оправдување. Но, ова се модерни системи. Значи, ако сакате да бидат ефективни, секој треба да знае како да ги користи“, вели Баербок во интервју за РСЕ .
Таа, исто така, ја критикуваше Унгарија дека го нарушува единството на ЕУ за Русија и Украина и рече дека последното намалување на снабдувањето со гас од страна на Кремљ е „уцена“.
„Мислам дека треба навистина да бидеме свесни дека не паѓаме на уцените. Мислам, сакаме да добиеме независни, 100% независни, од фосилна енергија од Русија колку што можеме побрзо, бидејќи тоа е прашање на безбедност, на слобода. Така, ние само се држиме до нашиот пат, намалувајќи ја нашата зависност најбрзо што можеме и стоејќи во солидарност во рамките на Европската унија колку што можеме. И мислам дека ова е најважната вест и разбирање во ова време на криза, Европа е обединета како што никогаш не била, досега. Се обидуваат да не разделат, но за среќа не успеваат, бидејќи разбираме која е нашата задача“, вели Баербок во интервјуто.
Шефицата на германската дипломатија меѓудругото, изрази сомнеж за преговорите со Москва, велејќи дека Русија бара „покорување на целиот украински народ“.