Русија ќе ја напушти Меѓународната вселенска станица по 2024 година

илустрација

Русија ќе престане да ја користи Меѓународната вселенска станица по 2024 година, објави на 26 јули шефот на руската вселенска агенција Роскосмос, Јуриј Борисов.

„Без сомнение ќе ги исполниме сите наши обврски кон нашите партнери. Сепак, одлуката да се напушти таа станица по 2024 година е донесена“, изјави Борисов за време на телевизиската средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Борисов верува оти дотогаш ќе започне формирањето на руската орбитална станица, која ќе биде „главен приоритет“ на руската национална вселенска програма.

„Иднината на руските летови со екипаж треба пред сè да се заснова на систематска и избалансирана научна програма, така што секој лет нè збогатува со знаење во вселенската сфера“, рече Борисов.

Тој меѓудругото рече и дека вселенскиот сектор е во тешка ситуација и дека негова главна задача не е да ја спушти границата, туку да ја подигне повисоко, пред сè обезбедувајќи ги потребните вселенски услуги за руската економија.

Борисов беше назначен за шеф на Роскосмос во средината на јули, на местото на Дмитриј Рогозин. До тоа назначување, 65-годишниот Борисов беше вицепремиер задолжен за рускиот воено-индустриски комплекс, кој го вклучува и вселенскиот сектор.

Во 2020 година, Русија го загуби монополот за испраќање во вселената со своето доверливо, но застарено вселенско летало Сојуз, со пристигнувањето на сцената на компанијата на американскиот милијардер Илон Маск, SpaceX.

На руско-западната соработка во вселената влијаеше и офанзивата што Русија ја започна на 24 февруари против соседна Украина.

Западните санкции наметнати на Русија поради офанзивата делумно влијаат на руската авијација и вселенска индустрија и може да имаат ефекти врз Меѓународната вселенска станица каде што некои снабдувања може да бидат прекинати. Покрај тоа, рускиот вселенски сектор е зафатен од долгогодишна корупција и недостиг на иновации.