По повод годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, делегација на Владата предводена од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во придружба на министерот за правда Никола Тупанчевски и заменик-министерот за правда Агим Нухиу денеска положија цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот на Градските гробишта Бутел во Скопје. Годинава се одбележуваат 59 години од катастрофалниот земјотрес што се случи во Скопје на 26 јули 1963 година. Во земјотресот загинаа 1.070 лица, дополнително беа повредени најмалку 3 илјади лица, а околу 200 илјади скопјани останаа без своите домови.
„Скопје одново“ - храбра уметничка сторија за меѓународната хуманост
„Денот на сеќавањето на скопскиот земјотрес е и ден кога им изразуваме благодарност на сите кои со љубов и солидарност учествуваа во споделувањето на болката со преживеаните и што учествуваа во обновата на градот. Скопје стана град на солидарноста, место на кое се обединија пораките и молитвите за поддршка и за споделување на болката, за загубата“, соопшти владината прес-служба. Почит кон загинатите лица во земјотресот оддадоа и претставник од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски, делегација од Собранието, амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Северна Македонија.