Во Јапонија е погубен осуденикот кој уби седум лица во Токио

Комората за егзекуција во притворниот центар во Токио

Во Јапонија денеска е егзекутиран маж кој уби седум луѓе со камион и со напад со нож во трговски кварт во Токио во 2008 година. Министерот за правда Јошихиса Фурукава изјави дека Томохиро Като бил погубен со бесење во притворен центар во Токио претходно денеска. Јапонија ја задржа смртната казна и покрај зголемените меѓународни критики. Фурукава рече дека смртната казна е оправдан одговор на грозоморните и насилни злосторства и дека нејзиното укинување во овој момент не е соодветно. Тој рече дека Като детално се подготвил да ги изврши овие масовни убиства, „гнасен чин што доведе до исклучително сериозни последици и имаше огромно влијание врз општеството“.

Амнести Интернешнл: Пораст од 20 проценти на смртните казни

Во нападот, сега 39-годишниот Като влетал со камион во трговскиот кварт за електроника Акихабара, кога во јуни 2008 година уби тројца пешаци. Потоа излегол од возилото и со нож убил уште четворица и ранил десет лица. Надзорните снимки објавени од националната телевизија NHK по нападот покажуваат дека Като купува ловечки ножеви два дена пред нападот, се смее со продавачот и понекогаш прави убодни движења со рацете. Медиумите објавија и дека тој на интернет објавил неколку депресивни пораки и предупредувања дека планира да убие луѓе во масовен напад. Денешното погубување е второ во Јапонија за време на владата на премиерот Фуми Кишида, кој ја презеде функцијата во октомври. Јапонија сега има 107 лица осудени на смрт, од кои 61 бараат повторно судење, рече министерот за правда. Јапонија и САД се единствените две земји во Групата седум индустриски развиени земји кои сè уште имаат смртна казна.