Локализиран пожарот на Криволак, безбедни се армиските објекти

Илустративна фотографија

Пожарот на Криволак е локализиран и нема опасност од негово ширење информираа од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.

Оттаму велат дека во моментот пожарот е со мал интензитет со линија на протегање од 700-800 метри и поради слабиот интензитет на ветрот нема зафатено поголема површина на западната страна на месноста „Орлово брдо“.

Тие информираа дека попладнево со еден армиски хеликоптер МИ-8/17 и исфрлени пет тони вода се интервенирало при локализирање на пожарот. Појаснуваат дека армиските и инфраструктурни објекти од особено значење се на безбедно растојание од 5-7 километри воздушна линија од локацијата на пожарот и тие согласно армиските процедури дополнително се обезбедени со противпожарни појаси во потребна широчина согласно проценките.

Најавуваат дека доколку има потреба, армискиот хеликоптер кој дејствуваше во координација со припадниците на Армијата од АП Криволак ќе интервенира и утре во раните утрински часови.

Од Територијалната противпожарна единица Неготино претходно посочија дека гори нискостеблеста шума на тешко пристапен терен. Како што попладнево пак информираа од РЦУК – Велес, точното време на избувнување на пожарот не е познато, но претпоставуваат дека започнал во ноќните часови.

Инаку до среда подрачјето на Македонија и натаму ќе биде под влијание на топол бран со високи утрински и дневни температури. На целата територија ќе остане активно портокаловото ниво на опасност од високи температури.