Состаноци на „Отворен Балкан“ во Тирана за поголема солидарност и имплементацијата на договореното

Состаноци на групите од Отворен Балкан во Тирана, 25.07.2022

Време е да се фокусираме на резултати, опипливи и видливи кои произлегуваат од реалните потреби на граѓаните што значи дека се автентични и органски. Денеска тука сме три земји со отворени претпристапни преговори со Европската Унија и сите знаеме колку Отворен Балкан има потенцијал да ги акцелерила реформите потребни за влез во ЕУ.

Ова го изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во Тирана, на отворањето на пленарната седница на меѓувладините работни групи кои денеска и утре разговараат за имплементацијата на договори во рамките на Отворен Балкан.

Битиќи нагласи дека заедно со колегите од Албанија и Србија ќе работат на утврдување на рамки на работа, но и начини и протоколи за солидарна помош при катастрофи и несреќи, недостаток на храна и енергетска криза, како сегашните кои се резултат на глобалната криза предизвикана од руската воена инвазија врз Украина.

„Иако секоја национална економија има свои соодветни одговори на предизвиците со кои се соочуваме, како онаа од претходната недела кога Северна Македонија воведе забрана за извоз на пченица – но, доколку оперативниот план што тука заедно ќе го работиме со колегите од Албанија и Србија покаже дека можеме и треба да помогнеме со количина на пченица за нашите сојузници од Отворен Балкан, ќе најдеме начин тоа да го направиме, како и можни начини за заеднички настап на глобалниот пазар како поголем регион или како цела Унија со земјите кандидатки“, вети Битиќи.

Истакна дека унапредувањето на трговската размена и синџирите на снабдување се потенцијал од кој сите може да имаат корист. Споменувајќи го проблемот со летните пожари, најави изработка на планови и оперативни групи за помош и на членките на Отворен Балкан, и на земјите од регионот.

Вицепремиерката и министер за рударство и енергетика на Србија, Зорана Михајловиќ денеска во Тирана изјави дека иницијативата е можне важна во време на енергетската криза.

„Во Тирана денеска се министрите за енергетика и на Албанија и на Северна Македонија и ќе разговараме не само за тоа како се подготвуваме за зимата во оваа тешка енергетска криза и многу предизвикувачка година, туку и за тоа каде се можеме да работиме заедно и на кој начин би можеле да ги поврземе нашите енергетски пазари, а со тоа и енергетски да бидеме сите постабилни. Мораме да разбереме дека не е доволно една земја во регионот да биде енергетски стабилна, многу е важно да има и солидарност и да се трудиме целиот регион да го направиме енергетски стабилен бидејќи тоа е важно и за економијата и за нашите граѓани“, рече Михаиловиќ.

Иницијативата Отворен Балкан предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу земјите-членки. Иницијативата која на почетокот се нарекуваше Мини Шенген, е основана во октомври 2019. Нејзини членки во моментов се Македонија, Србија и Албанија.