Грција сака изземање од европскиот предлог за намалување на трошењето природен гас

Илустративна фотографија

Грција ќе се стреми да биде изземена од предлогот на Европската комисија за намалување за 15 отсто на потрошувачката на природен гас, доколку таа се базира на потрошувачката во изминатите пет години, изјави портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите.

Во пресрет на утрешниот состанок на министрите за енергетика на земјите членки на Европската Унија, Иконому објасни дека со оваа формулација на предлогот на ЕК, кој ја зема предвид просечната потрошувачка во последните пет години, „е предлог што не може да биде прифатен од Грција“.

„Бидејќи, во суштина, за нашата земја, ова значи намалување за повеќе од 15 отсто. Значи намалување од 24 проценти. Утре Грција ќе се стреми кон промена на овој предлог. Ќе се стреми нашата земја да биде изземена од ова намалување. Она за што ние би разговарале, би било основата за споредба да е минатата година, а не просекот од последните пет години. Сметаме дека предлогот на Европската комисија, онака како што првично беше формулиран, е предлог што не може да биде прифатен од нашата земја од причините што ви ги кажав“ објасни Иконому.

Инаку ЕК минатата недела побара од земјите членки да ја намалат употребата на природен гас за 15 проценти, во периодот меѓу 1 август 2022 и 31 март 2023 година, како дел од зимскиот план за вонредни состојби. Ова доаѓа по стравувањата дека Русија, која е мета на санкции поради нејзината воена инвазија врз Украина, може да ја секне испораката на гас кон Европа.

Како што појаснија од ЕК, засега се бара земјите членки доброволно да ја намалат потрошувачката на гас, но и дека е можно ова барање да стане задолжително ако се влоши состојбата.