Раст од 5,7 проценти бележат вкупните тековни трошоци за здравството во 2020 година споредено со претходната 2019 година, соопшти денеска Државниот завод за статистика.
Според информациите на ДЗС, трошоците во здравството во пандемиската 2020, изнесувале 51 750 милиони денари (околу 840 милиони евра).
„Сите видови трошоци за здравството, по здравствени функции и здравствени шеми, бележат пораст во 2020 година во однос на 2019 година. Вкупните трошоци за лекување во здравствените шеми во 2020 година изнесувале 28 445 милиони денари, додека во 2019 година изнесувале 27 657 милиони денари, што претставува пораст од 2,8 проценти“, информираат од Заводот за статистика.
Трошоците на болниците за лекување изнесувале 17 110 милиони денари односно 84 проценти од вкупните трошоци на болниците по здравствени функции. По даватели на здравствена заштита, најголемо е учеството на болниците и тоа изнесува 20 361 милион денари во 2020 година.
2020 е годината во која во март започна пандемијата на ковид 19, што ресултираше со донесе над 9000 загубени животи во Македонија. Пандемијата дополнително го оптовари и онака кревкиот здравствен систем во земјава и ги исполни болниците со пациенти кои се лекуваа од Ковид -19, додека истовремено во втор план беа ставени сите здравствени состојби кои не бараа итна интервенција.