Поголем пожар избувна на армискиот полигон Криволак, за кој биле известени надлежните во АРМ и било побарано интервенција со хеликоптер заради непристапниот терен, информираа попладнево од Центар за управување со кризи.
Од територијалната противпожарна единица од Неготино пак велат дека во секој момент го очекуваат хеликоптерот, бидејќи станува збор за тешко пристапен терен на кој не може да интервенираат пожарникари.
Оттаму појаснуваат дека веднаш штом биле информирани за пожарот на полигонот, отишле на Криволак, но не можеле да стигнат до пожарот, поради непристапноста на теренот зафатен од огнот, но и високите температури и топлина која ја стави земјава во портокалова фаза.
Како што претходно информираа од РЦУК – Велес, точното време на избувнување на пожарот не е познато, но претпоставуваат дека започнал во ноќните часови.
„Изутрината биле известени од дежурниот во полигонот“, појаснија од ЦУК.