Иранското Министерство за давање насоки им посочи на рекламните агенции дека според владините заострувања на таканаречениот закон „Хиџаб и чедност“ , на жените сега им е забрането да се појавуваат во реклами.
Министерството викендов испрати писмо до агенциите, а по објавувањето на промотивното видео од компанијата за сладолед „Домино“ во кое се прикажува актерка облечена во џемпер, која продолжува да облекува нови слоеви облека додека сликите од сладолед трепкаат низ екран.
На крајот од огласот, таа носи јакна и зимска капа додека гризе од сладоледот.
Една од владините агенции ја нарече рекламата „злосторство“ и ја осуди употребата на актерка велејќи дека таквите реклами водат кон „промоција на неморал“ во општеството.
Потегот доаѓа откако властите сè повеќе преземаат мерки против жените за кои се смета дека го прекршуваат законот со кој е задолжително носењето хиџаб на јавни места.
Наредбата од 5 јули на претседателот Ебрахим Раиси за спроведување на законот за хиџаб резултираше со нова листа на ограничувања за тоа како жените можат да се облекуваат. Озлогласените т.н. патроли за насочување во земјата, или попознати како полиција за морал, станаа сè поактивни и понасилни во спроведувањето на законот, со видеа кои се појавија на социјалните мрежи на кои се прикажани полицајци како приведуваат жени и ги ставаат во комбиња.
По наредбата на Раиси, на жените за кои е оценето дека не се придржуваат до ограничувањата им е најавено дека ќе им биде забрането да влезат во владините канцеларии, банките и јавниот превоз.
Како одговор на ова, активистите започнаа кампања на социјалните мрежи под хаштагот #no2hijab за да ги повикаат луѓето да ги бојкотираат компаниите што ги спроведуваат построгите ограничувања.
На 12 јули, државниот ден на хиџабит и чедноста, активистките за правата на жените објавија видеа на кои јавно ги симнуваат превезите.
Хиџабот првпат стана задолжителен во јавноста за иранските жени и девојчиња постари од 9 години по Исламската револуција во 1979 година.
Многу Иранки го прекршуваа правилото во текот на годините во знак на протест и ги поместуваа границите на она што официјалните лица велат дека е прифатлива облека.