Европската комисија денеска ја одобри вакцината Имванекс за употреба против вирусот на мајмунска сипаница во Европската унија (ЕУ), вклучително и во Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Портпаролот на комисијата ја потврди одлуката откако фармацевтската компанија „Bavaric Nordic“ објави дека вакцината е одобрена.
Потегот следи по препораката на Европската агенција за лекови (ЕМА) во петокот (22-ри јули) да се прошири употребата на оваа вакцина.
Во пракса, извршната власт на ЕУ ги следи советите на ЕМА. Претходно вакцината беше одобрена само на ниво на ЕУ за заштита на возрасните од овој вид сипаници.
Комисијата неодамна објави два договори за набавка на вкупно 163.620 дози вакцини против мајмунски сипаници. ЕУ купи 110.000 дози во јули, а 25.000 веќе се дистрибуирани до шест земји-членки.
Унијата ги засилува плановите за борба против вирусот бидејќи Светската здравствена организација (СЗО) регистираше појава на мајмунски сипаници во повеќе од 50 земји при што прогласи вонредна состојба. Прогласувањето на вонредна состојба е највисокото ниво на предупредување на СЗО за здравствени закани, но нема непосредни последици. Целта е да се алармираат владите да преземат мерки за заштита на нивното население.
Болеста се манифестира со осип што може да изгледа како мозолчиња или плускавци. Лезиите обично се појавуваат прво на лицето пред да се формираат на други делови од телото.
Мајмунските симапници беа регистрирани во повеќе држави во соседството како Грција, Србија и Бугарија, но засега ги нема во Македонија.