Хил: Би сакал да видам прозападна влада во Србија, нема други опции

Американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил

Американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил изјави дека во Србија би сакал да види прозападна влада и министри кои веруваат во стратешките насоки за кои, според него, гласале Србите. „Би сакал да го видам тоа и разбирам дека составувањето влада е комплицирано. Кога во минатото ме прашуваа за одредени позиции, а јас давав предлози, многу пати излегуваше дека сум погрешил. Не им кажувам на владите кого да стават на кои позиции“, изјави Хил во интервју за денешен Блиц.

Вучиќ: Ќе има големи кадровски промени во идната Влада на Србија

„Живееме во важни и критични времиња и ќе биде неопходно да се донесат многу важни одлуки, како оние за енергетските извори. Би сакал да видам влада која е способна да ги надмине тие предизвици и која сака да се движи кон Запад. Многу е јасно дека народот на Србија го избра тоа“, рече Хил. На прашањето колку кризата во Украина влијае на односите меѓу Србија и САД, тој одговори дека смета оти тоа „отвора предизвици, но и можности, како што прават сите кризи“. „Во однос на предизвикот, знам дека многу Срби се чувствуваат како да се нашле во неволја, но исто така мислам дека, што се однесува до многу Срби, тоа е одлучено и дека тие мислат оти Србија мора да се сврти кон Запад. Србија мора да се сврти кон Запад, нема други опции“, рече Хил.