Вашингтон ќе го поддржува Киев „колку што е потребно“

американската амбасадорка во Киев Бриџит Бринк

Соединетите држави ќе продолжат да ја „поддржуваат Украина онолку долго колку што е потребно“, забрзувајќи ја воената помош во битката на земјата против инвазијата на руските воени сили, изјави американската амбасадорка во Киев Бриџит Бринк, наведувајќи дека е „навистина горда“ поради фактот што САД се „најголемиот обезбедувач на безбедносна помош за Украина“. „И тоа вклучува артилерија со долг дострел, противвоздушна одбрана, крајбрежна одбрана, многу муниција. И ние го правиме тоа секоја втора недела и ќе продолжиме да ја поддржуваме и помагаме Украина со безбедносната помош онолку долго колку што е потребно“, додаде Бринк.

Вашингтон верува дека Русија губи по стотици војници дневно во Украина

Коментарите на Бринк доаѓаат откако Белата куќа на 22 јули објави дека Соединетите држави испраќаат дополнителна безбедносна помош од 270 милиони долари за Украина, пакет кој ќе вклучува дополнителни ракетни системи со среден дострел и тактички дронови.