ЕУ бара дополнителни испораки на гас од Нигерија

Илустрација

Европската унија бара дополнителни испораки на гас од Нигерија, имајќи предвид дека се подготвува за можен прекин на снабдувањето на овој енергенс од Русија, изјави Метју Болдвин, заменик директор на енергетската служба при Европската комисија, во сабота на 23 јули.

Болдвин ја даде изјавата во Нигерија, каде што се сретна со претставници на најголемиот африкански производител на нафта.

Болдвин истакна дека ЕУ увезува 14 отсто од вкупните испораки на гас од Нигерија и дека постои потенцијал оваа количина да се удвои.

Испораката на нафта и гас од Нигерија е отежната со кражби и вандализам на цевководи, поради што терминалот на производителот на гас „ЛНГ“ на островот Бони работи со капацитет од 60 отсто.

„Ако успееме да постигнеме капацитет од повеќе од 80 отсто, тогаш дополнителен гас ќе биде достапен за Европа“, нагласи Болдвин.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 20 јули рече дека целосното прекинување на рускиот гас за Европа е „веројатно сценарио“, додека извршната власт на ЕУ предложи цел за земјите-членки да го намалат снабдувањето со гас за 15 отсто до март 2023 година.

Може ли Европа да живее без руски гас?

„Русија нè уценува. Русија ја користи енергијата како оружје. И така, во секој случај, без разлика дали се работи за делумно, големо прекинување на рускиот гас или целосно прекинување на рускиот гас, Европа мора да биде подготвена“. – изјави Фон дер Лајен.

На 20 јули, ЕУ постави итни планови за земјите да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто до март, предупредувајќи ги дека без поголеми намалувања сега би можеле да се соочат со енергетски проблеми во текот на зимата, доколку Русија го намали снабдувањето.