Украина соопшти дека руски проектили ја погодиле инфраструктурата во украинското пристаниште Одеса, ден по потпишувањето на договорот помеѓу Киев и Москва за деблокада на извозот на жито.
„Непријателот со крстосувачки проектили Калибр го нападна трговското пристаниште Одеса. Силите за противвоздушна одбрана соборија 2 проектили, а два ја погодија инфраструктурата на пристаништето“, напиша Оперативната команда Југ на Телеграм.
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека „Русија ќе сноси целосна одговорност за продлабочување на глобалната криза со храна“ доколку договорот пропадне.
Засега нема реакција од страна на руските власти.
На 22 јули, Русија и Украина потпишаа посебен договор со Турција и Обединетите нации, за олеснување за извозот на житото од Украина.
Русија и Украина во Турција потпишуваат договор за извоз на жито
Според договорот потпишан во Истанбул, украинските власти ќе ги водат бродовите низ безбедни канали до три пристаништа, вклучително и Одеса, каде што ќе бидат натоварени со жито.
Украина на 23 јули ги повика Обединетите нации и Турција да се погрижат Русија да ги исполни своите обврски од договорот.
Москва ја отфрли одговорноста за кризата со храна и ги обвини западните санкции за забавување на сопствениот руски извоз на храна и ѓубрива. Таа, исто така, ја обвини Украина за поставување мини на нејзините пристаништа на Црното Море.