Политика, жито, штрајк...

СРБИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека ќе има големи кадровски промени во идната Влада на Србија, но оти за идниот владин состав ќе одлучува новиот премиер и дека своето мислење ќе го каже на состаноците на партиските органи. „Не мора да бидете во владата десет, 15 или 20 години само затоа што мислите дека треба. Мислам дека е потребна и нова енергија“, рече Вучиќ.

САД - Вашингтон верува дека Русија има стотици жртви секој ден во нејзината војна во Украина и изгубила илјадници воени офицери од почетокот на инвазијата. Покрај убиените офицери, убиени се и стотици полковници и „многу“ руски генерали. Ова за новинската агенција Ројтерс го изјави денеска висок американски одбранбен функционер кој побара да остане анонимен.

МАКЕДОНИЈА - Вкупно 85 пратеници се запишале како присутни, но во собраниската сала влегле само 58 од запишаните. Поради ова претседателот на Собранието,Талат Џафери, денеска ја прекина денешната собраниска седница и ги повика на итна средба лидерите на владејачките политички партии застапени во Собранието, откако не можеше да се обезбеди кворум за работа. Во соопштението од неговиот кабинет е посочено дека Џафери им наложил на пратениците да ги откажат сите службени и приватни патувања на пратениците, кои не се неопходни, во текот на јули со цел непречено работење на Собранието.

РУСИЈА - Рускиот новинар Сергеј Бриљов кој има двојно руско-британско државјанство и во моментов е под британски санкции поради неговата улога во дистрибуирање на антиукраинска пропаганда, денеска се откажа од функцијата заменик-директор на Руската државна телевизија.

ТУРЦИЈА / ТУРКИЈЕ - Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и министерот за инфраструктура на Украина, Олександр Кубраков денеска потпишаа посебни договори со Обединетите нации и Турција за олеснување за извозот на жито од Украина. За овие договори шефот на ОН, Антонио Гутереш рече дека ќе им бидат од корист на земјите во развој кои се наоѓаат „на работ на банкрот и најранливите луѓе на работ на гладот.“

ЕУ - Европската унија одобри уште 500 милиони евра за испорака на оружје и опрема за Украина. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел претходно оваа недела ја објави намерата на ЕУ да ги обезбеди средствата.

МАКЕДОНИЈА - Очекуваме тешка зима и затоа Министерството за економија планира во август да прогласи кризна состојба во делот на електричната енергија. Ова го најави ресорниот министер Крешник Бектеши и порача дека не очекува да има рестрикции доколку се се одвива според планот. Тој објасни дека Комисија од август по прогласување на кризна состојба ќе одлучува за идни мерки, вклучувајќи и рестрикции.

МАКЕДОНИЈА - Доколку Владата смета дека го започнала процесот за пристапни преговори со ЕУ, и укажуваме дека нејзините вработени и пред почетокот на процесот и по почетокот на процесот се еднакво сиромашни, примаат најниски плати во ЕУ и дека Владата не може да очекува дека вработените во управата кои треба да го сработат процесот, се мотивирани со просечна плата од 21.300 денари, а на 96 проценти од нив, платата да им е под просечната плата со која Владата толку се фали, стои во денешното соопштение од Сојуз на синдикатите на Македонија.

РУСИЈА - Русија ги додаде Хрватска, Данска, Грција, Словачка и Словенија на својата листа на нации кои „спроведуваат непријателски акции кон руските компании и граѓани“. Во соопштението на руската влада се вели дека премиерот Михаил Мишустин ја потпишал наредбата денеска. Според владината прес-служба, амбасадите на споменатите земји сега ќе треба да го ограничат бројот на вработени. „Грција не може да има повеќе од 34 вработени, Данска - 20, а Словачка - 16. На Словенија и Хрватска нема да им биде дозволено да вработуваат руски граѓани во нивните дипломатски мисии и конзулати“, наведе прес-службата.