Одложен Самитот на муџахедините во Албанија, по предупредувањето на САД

Архивска фотографија, Албанија, 13 јули 2019 година, одлежелување на „120 години борба за слободен Иран “ во кампот Манза, кај Драч, на околу 30 километри од Тирана

Одложен е Светскиот самит на Слободен Иран, што требаше да се одржи следните два дена во Албанија, во кампот на муџахедините во близина на Драч.
Самитот е одложен по предупредувањата на Амбасадата на САД дека постојат сознанија за потенцијална закана насочена кон настанот и учесниците.

„Самитот се одлага до следно известување во согласност со препораките на албанската Влада, поради безбедносни причини и поради терористички закани, се наведува во соопштението од кампот во близина на Драч.

САД предупредуваат пред Самитот на муџахедините во Албанија

Претходно Американската амбасада предупреди дека владата на САД има сознанија за потенцијална закана насочена кон Светскиот самит на Слободен Иран.

Исто така ги повика своите граѓани да го избегнуваат овој настан, да ги следат локалните медиуми и да бидат свесни за нивната околина.

Во кампот на иранските муџахедини, припадници на МЕК, во Манза, кај Драч, на околу 30 километри од Тирана, сместени се најмалку 3.000 муџахедини.
Муџахедините се сметаат за терористичка група од страна на Исламската Република Иран и со децении се во отворен конфликт со тамошниот режим.

Деновиве албанското специјално јавно обвинителство, СПАК, потврди дека под истрага се 20 лица кои моментно живеат во оваа земја, бидејќи се осомничени дека се дел од терористичка ќелија.

„Станува збор за поранешни членови на иранската муџахединска организација, кои се отцепиле од оваа организација и кои сега се осомничени дека вршеле забранета активност на територијата на Албанија во име на терористичката организација на Револуционерната гарда на Иран и тамошните тајни служби“, пренесуваат албанските медиуми.