Најмалку 18,6 милиони евра за две години си платиле граѓаните во приватното здравство за ковид тестови, покажува пресметката на државниот завод за ревизија која за основна цена ја зема најниската платена од 1400 денари по тест. Но цените за ПСР тестови во приватните клиники и болници од почетокот на пандемијата изнесуваат и до 5 илјади денари.
Ревизорите утврдиле дека Фондот за здравство потфрлил во обезбедување на здравствени услуги кон граѓаните на товар на Фондот. Причина за тоа се необезбедените доволно термини во Јавните здравствени установи и несклучените договори со приватните здравствени установи за дијагностицирање на ковид-19.
Уште не е докажано дека се експериментирало со ковид пациенти
Ревизорите изразија сомнеж за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Фондот и нивната усогласеност со законите во 2020 година. ДРЗ констатира повеќе слабости и хаотични состојби во Фондот, но како најглавно – огромен одлив на средства од јавното во приватното здравство, при што повеќе јавни здравствени установи имале значајно намален обем на работа иако добиле повеќе сретства од претходните години.
Притоа, ДРЗ особено нагласува дека со измените на Законот за здравствена заштита во јуни 2021 година предвидено било за наведените здравствени услуги Владата да определи највисоки цени и за приватниот здравствен сектор, за да тие услуги бидат подеднакво економски достапни за сите граѓани. Но, таква одлука за утврдување на највисоката цена не била донесена воопшто одд страна на владата, што овозможи огромни профити кај приватните болници и лаборатории на штета на граѓаните во државата.
Во извештајот е нотиран и нерамномерен сооднос при вршењето на кардиоваскуларно - хируршки здравствени услуги во 2019 и 2020 година меѓу јавните и приватните здравствени уставови. Фондот за две години префрлил 20,4 милиони евра на три државни и две приватни клиники, но 95 проценти од парите или над 19 милиони евра завршиле на сметките на приватните клиники.
„Имено, Фондот има склучено договори со три ЈЗУ и две ПЗУ за што се исплатени 1.254.330 илјади денари од кои 95% од услугите се вршат во ПЗУ. Најголем дел од услугите во ЈЗУ се извршени од ЈЗУ УК за државна кардиохирургија која иако располага со квалификуван кадар, ги нема потребните просторни услови, што неповолно влијае на обемот на вршењето на здравствената дејност“ се вели во соопштението.
Ќе има ли одговорност за случајот „Нечиста крв“?
Немало ниту контрола за лекувањата во странство, за кои биле авансно префрлени 3,4 милиони евра. Се исплаќале пари за породилно и за лица кои оделе на работа и земале плата. На аптеките им се плаќале фактури, без да се провери објективноста. Фондот исто така констатира „дека не постои единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и пресметки за извршени здравствени услуги, кои се основа за изготвување на месечни фактури/извештаи, што создава ризик од пропусти и грешки“.
Имено, препишувањето и издавање лекови кои паѓаат на товар на Фондот се одвива преку повеќе софтверски решенија (ИТ систем на Фондот, Мој Термин, софтверски решенија кај матичните лекари и аптеките) кои се меѓусебно поврзани, но не е обезбедена целосна системска контрола во процесот на изготвување и доставување на фактурите од аптеките.
Попрецизно, форматот во кој се генерираат податоците за издадени лекови на рецепти од страна на аптеките не е системски поврзан со спецификациите за издадени рецепти. А, според податоците на ревизорот Фондот им исплатил во 2020 година 3.054.351 илјади денари на аптеките без да се воспоставени или извршени соодветни контроли кои ќе ја потврдат објективноста на фактурираните здравствени услуги и лекови.
Имало помалку теренски контроли на ЈЗУ, но и фалинки во спроведувањето на јавните набавки. Ревизорите констатирале недостаток на кадар, но и ангажирање на лица за кои не се знае ниту дали оделе на работа.