Поранешниот албански претседател и експремиер, Сали Бериша, денеска потврди дека неговото име е на списокот на лица санкционирани од британската влада. Тој изјави дека добил писмо од британскиот министер за внатрешни работи, кој му забранува влез во Британија. Според него во образложението стои дека тој имал јасни врски со организирани криминални групи и криминалци, кои претставуваат ризик за јавната безбедност во Албанија и Обединетото кралство и дека бил подготвен да ги користи овие врски за да ги унапреди политичките амбиции.
„Втора точка во образложението во писмото се однесува на мојата наводна корупција и богатење, и круговите на мои блиски луѓе, каде што како пример се споменува поранешниот советник за избори Дамир Фазлич, кого според нивна процена сум го бранел кога против него излегоа инкриминирачки докази,“ посочи Бериша.
Тој обвини дека и одлуката на САД и ова е плод на „ обвинувањата и лобирањето на премиерот Еди Рама и мултимилијардерот Џорџ Сорос“.
„Ова има за цел да ја задржи на власт најкорумпираната влада во Европа, која со насилно земениот глас на граѓаните го врати целосниот монизам во земјата и ја краде и жртвува Албанија и Албанците, ја води државата до банкрот за да ја купи и зачува моќта. Уште еднаш повторувам, дека првиот момент кога владата на Обединетото Кралство, или која било друга странска влада или некој ќе докаже а да не лаже, со доказ и факт за корупција, јас самиот за себе ќе донесам одлука“, рече Бериша.
Масовен антивладин протест во Тирана
Албанскиот премиер Еди Рама преку куса објава на Твитер му одговори на Бериша.
„ Без коментар,“ напиша Рама, објавувајќи фотографија од насловот на книга на диктаторот Енвер Хоџа „Англо-американската опасност за Албанија“.
Во Тирана протест против владата на премиерот Рама
Американскиот Стејт департмент, Бериша го прогласи за непожелна личност во мај минатата година, поради вмешаност во корупција.
Засега не е познато дали има и други лица од Албанија на списокот на непожелни во Велика Британија, додека во САД освен Бериша и неговото семејство меѓу оние кои до сега се прогласени за непожелни за САД е поранешниот главен државен обвинител Адриатик Лала, со семејството, поранешниот градоначалникот на Драч, Ванѓуш Дако и Том Доши, поранешен пратеник, бизнисмен и лидер на Социјалдемократската партија.