Вашингтон верува дека Русија има стотици жртви секој ден во нејзината војна во Украина и изгубила илјадници воени офицери од почетокот на инвазијата. Покрај убиените офицери, убиени се и стотици полковници и „многу“ руски генерали. Ова за новинската агенција Ројтерс го изјави денеска висок американски одбранбен функционер кој побара да остане анонимен.
„Синџирот на команда сè уште се бори“, рече официјалниот претставник.
Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, на 20 јули рече дека САД проценуваат дека руските жртви во Украина по речиси пет месеци војна достигнале околу 15.000 убиени и веројатно 45.000 ранети, додавајќи дека украинските вооружени сили претрпеле значителни загуби.
Русија ги класифицира воените смртни случаи како државни тајни и не ажурира редовно официјалните податоци за жртви во војната. Последните објавени податоци се од 25 март, еден месец по стартот на руската инвазија и според нив загинати се 1.351 руски војник.
Хјуман рајтс воч ја обвини Русија за „воени злосторства“ во Украина
Украинската влада минатиот месец соопшти дека дневна основа загинуваат од 100 до 200 украински војници.
Соединетите Американски Држави обезбедија 8 милијарди долари безбедносна помош за Украина од почетокот на војната, вклучувајќи 2,2 милијарди долари во последниот месец.
Претходно оваа недела, Пентагон соопшти дека ќе и обезбеди на Украина четири дополнителни артилериски ракетни системи со висока мобилност (HIMARS) во најновиот пакет оружје.