Приведен скопјанец за оштетување на 18 паркирани возила во гаражата кај Буњаковец

Илустрација

Вкупно 18 автомобили паркирани во скопската катна гаража во близина на трговскиот центар Буњаковец се оштетени и приведен е осомничениот сторител на делото. Од полицијата велат дека постапувајќи по пријави од граѓани утрово во 07.40 часот , го привеле осомничениот 48 годишен скопјанец кој сега се наоѓа во полициска станица на информативен разговор.

„За случајот е известен Јавен обвинител по чии насоки делото е класифицирано по чл.243 од Кривичниот законик и се гони по приватна тужба, а од страна на МВР ќе се преземат сите неопходни активности за документирање на делото“, велат од СВР Скопје.

Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски изјави дека по немилиот настан разговарал со полицијата за воведување на тн. маалски позорникари, со цел зачувување на мирот и зголемување на степенот на безбедност во сите маала.

„Сликите од утринава со искршени прозорци и шофершајбни во катната гаража кај трговскиот центар „Буњаковец“ навистина ги вознемири центарци. Разговарав и со командирот на ПСОН Центар, кој ме информираше дека оштетени се вкупно 18 возила и веќе има приведено едно лице, кое во моментов се наоѓа во полициска станица“, изјави градоначалникот Герасимовски.

Градоначалникот Герасимовски апелира до граѓаните, доколку забележат
сомнителни дејства во околината на нивните домови и живеалишта, истите да ги пријават до МВР со повик на бројот 192.