Очекуваме тешка зима и затоа Министерството за економија планира во август да прогласи кризна состојба во делот на електричната енергија. Ова го најави ресорниот министер Крешник Бектеши и порача дека не очекува да има рестрикции доколку се се одвива според планот. Тој објасни дека Комисија од август по прогласување на кризна состојба ќе одлучува за идни мерки, вклучувајќи и рестрикции.
„Но, ако се одвива се согласно планот и во случај да нема забрана на увоз на електрична енергија, како што сме имале во одредени периоди во минатото од страна на Бугарија, не верувам дека би имало рестрикции во нашата држава, изјави Бектеши.
Тој изјави дека моменталната ситуација е толку сериозна и непредвидлива и не зависи само од нашата земја и од државите во регионот, туку зависи и од начинот како ќе се одвива војната во Украина.
Дрва за огрев по солени цени, пелети „ни за лек“
„Денеска добивме добри вести дека почнало да има снабдување со природен гас. Правиме напори да имаме алтернативи на снабдување со природен гас и во случај ако има целосна забрана, тогаш треба да користиме алтернативен енергенс со цел да работат топланите и индустриските капацитети, а и индустријата и домаќинствата да не останат без снабдување со електрична енергија“, рече Бектеши.
За таа намена, посочи, веќе се набавува мазут, кој е единственото гориво на кое веднаш може да се префрлат топланите и индустриските капацитети и истакна дека во солунското пристаниште е стигнат брод со мазут за потребите на земјава.